За ИКОМОС Македонија

Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС Македонија е членка на Меѓународниот комитет на ИКОМОС со седиште во Париз. ИКОМОС е најголемата светска стручна невладина организација во сферата на заштитата и конзервацијата на културното наследство. Во фокусот на интерес на ИКОМОС е промовирањето на примената на теорија, методологија и научни техники за конзервација на архитектонското и археолошкото наследство. ИКОМОС претставува мрежа на експерти во чии рамки одвива меѓународна размена меѓу нејзините членови кои се стручни лица – архитекти, историчари, археолози, историчари на уметност, географи, антрополози, инженери и урбанисти. Членовите на ИКОМОС придонесуваат кон унапредување на заштитата на културното наследство и на стандардите и техниките за сите видови недвижни културни добра: објекти, историски градови, предели и археолошки локалитети. Во светски рамки, ИКОМОС брои околу 10.000 индивидуални членови во 151 земја; 300 институционални членки; 110 национални комитети (меѓу кои и ИКОМОС Македонија) и има 28 меѓународни научни комитети. Како официјално советодавно тело на Комитетот за светско наследство за имплементација на Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, ИКОМОС ги оценува номинациите и советува за состојбата на зачувување на добрата впишани на Листата на светско наследство.
Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС Македонија е основан на 24 февруари 1994 година, по иницијатива на 43 конзерватори од Македонија, како „Конзерваторски еснаф на Македонија”. Денес, ИКОМОС Македонија спроведува работилници, семинари и форуми за специфични стручни теми од сферата на заштитата и конзервацијата на културните добра за стручната јавност, но и активности за подигање на свеста за значењето и вредностите на културното наследство во Македонија за пошироката јавност. Нејзиното експертско членство, посветено на зајакнувањето на знаењата и вештините на стручната јавност, но и на популаризирањето на македонското културно наследство, исто така, нуди специјализирани обуки за најсовремена заштита и управување со наследството. Во сферата на меѓународната соработка, покрај соработката со сите национални комитети на ИКОМОС ширум светот, ИКОМОС Македонија е членка на Европската група во рамките на ИКОМОС, член на под-регионалната група за Југоисточна Европа и има потпишано Меморандуми за соработка со Националните комитети на ИКОМОС од Србија, Косово, Бугарија и Грција.