Skip links

2025. Годишно генерално собрание / Сесии на Советодавниот комитет / Научен симпозиум на ИКОМОС

Од 11 до 19 октомври 2025 год. во Лумбини, Непал (и хибридно – виртуелно), се одржа Годишното генерално собрание на ИКОМОС, заедно со сесиите на  Советодавниот комитет и Годишниот научен симпозиум.

За време на сесиите на Советодавниот комитет се разгледуваа и усвојуваа извештаите и препораките на телата на ИКОМОС (Извршниот одбор, офицерите на Научниот совет, Офицерот за национални комитети, Генералниот секретар и Меѓународниот секретаријат на ИКОМОС), како и извештаите за напредокот на работните програми и групи.

Централна тема на овогодинешниот Научен симпозиум на ИКОМОС беше „Перцепции за наследството и отпорноста – Намалување на ризиците од катастрофи и подготвеност“, во согласност со Тригодишниот научен план на ИКОМОС (2024-2027) посветен на „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“. Првата година од планот се фокусира на тоа како можеме да се подготвиме за можни катастрофи, преку спречување и ублажување на опасностите, подобрување на отпорноста, како и преку подготовка за конфликти што го загрозуваат културното наследство. Во рамките на Научниот симпозиум беа определени три клучни подтеми: Справување и преговарање при конфликти; Отпорност кон силите на природата и Искористување на наследството за мир. Повеќе од 200 учесници на симпозиумот, презентираа за алатките за заштита на културното наследство во конфликтни зони и управување со ризици при катастрофи.

Како претставници на МНК ИКОМОС, на оваа серија настани во Лумбини, Непал, присуствуваа Кристина Бицева, Претседател и Никола Трајковски, Генерален секретар на МНК ИКОМОС.

Во рамките на седницата на Национални комитети, Кристина Бицева и Мартин Ефремовски (виртуелно) одржаа презентација за проектот реализиран од страна на МНК ИКОМОС во 2025 година – Мониторинг на македонското модернистичко наследство.