ИКОМОС Македонија преведе три публикации за прва помош за културното наследство во опасност
Во текот на изминатата година ИКОМОС Македонија во соработка со ИКРОМ како и УНЕСКО, Фондот Принц Клаус и Одговор при итни случаи (ЦЕР) во улога на ко-издавачи, го спроведуваше комеморативниот проект „Ресурси за заштита на културното наследство во вонредни состојби“, посветен на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во раните утрински часови на 26 јули 1963 година, настан кој даде нова димензија на значењето на солидарноста и брзото реагирање.
Доследно на оваа намера, главната цел на проектот беше да се создадат услови за унапредување на подготвеноста и заштитата на културното наследство во вонредни состојби, со тоа што ќе се овозможи пристап до извор на знаења за ова поле на македонски јазик, а воедно и да се унифицира стручната терминологија користена од различни засегнати сектори.
ИКОМОС Македонија согледувајќи го недостатокот од стручни публикации и јасна терминологија во оваа професионална пракса, кои би биле клучни во создавањето соодветни кадри кои би го унапредувале полето на прва помош на културното наследство во вонредни состојби предизвикани од природни и антропогени опасности во нашата земја, направи избор од три публикации и ги преведе на македонски јазик.
Преведените публикации важат за водечка „чекор по чекор“ стручна литература во областа на управувањето со ризици за културно наследство во случај на катастрофа на светско ниво:
– „Културно наследство во опасност: Итна евакуација на збирки на културно наследство“, првично објавена од ИКРОМ и УНЕСКО во 2016 година (оригинално издание “Endangered Heritage: Emergency Evacuation of Heritage Collections”).
Публикацијата е создадена врз основа на долгогодишно искуство и реални ситуации, со што нуди теренски тестиран, едноставен работен тек за итна евакуација на вредни предмети од културно значење што е лесно да се адаптира во било кое катастрофално сценарио. Содржината на ова издание опфаќа итна документација на збирки, безбеден транспорт и привремено складирање.
– „Прва помош за културно наследство во време на криза: 1. Прирачник и 2. Сет алатки“, оригинално издадени од ИКРОМ и Фондот Принц Клаус во 2018 година.
Публикација од два дела создадена за различни категории засегнати професионалци и поединци погодени од потенцијални вонредни состојби. Обезбедува практична методологија и сет алатки приготвени за заштита и стабилизација на загрозеното културно наследство. Работните протоколи предложени во публикациите им помагаат на корисниците да планираат и имплементираат координирани операции за спасување и намалување на ризиците за културното наследство.
„Прва помош за културно наследство во време на криза: 1. Прирачник“ (оригинално издание “First Aid to Cultural Heritage in Times of Crisis: 1. Handbook”).
„Иако македонските закони го штитат културното наследство за време на вонредни состојби, недостигаат јасни насоки и кохерентна практична терминологија. Со обезбедување на оваа публикација со јасни упатства, примери од реалниот живот и лексикон со стручна терминологија, се залагаме за соработка помеѓу различните сектори и се стремиме да ги премостиме овие празнини. Нашата цел е сите засегнати да бидат добро подготвени да го заштитат и зачуваат нашето културно наследство кога се соочуваат со предизвици.“
Извадок од предговорот на Кристина Бицева и Ивана Коцевска кон македонското издание на „Прва помош за културно наследство во време на криза: 1. Прирачник“.
Сите три публикации преведени во рамките на овој проект се наменети за професионалци и институции за заштита на културното наследство кои би сакале да развијат координирани планови за вонредни состојби; различни профили на професионалци и служби одговорни за цивилна заштита и одбрана кои имаат намера да ја вклучат заштитата на културното наследство во редовната работна пракса; и различни видови на засегнати граѓански организации и хуманитарци.
Преводот на изданијата беше делумно поддржан од Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2023 година на Министерството за култура.
Во неговата реализација беа вклучени: Ивана Коцевска (проектен менаџер, стручен и графички уредник), Кристина Бицева (стручен уредник), Вероника Шендова, Јасна Грујоска Кунеска и Алессандра Мацедонио де Царвалхо (соработници за проектниот концепт).