Успешно реализирана тридневна работилница за фотограметрија и 3Д документирање на културното наследство
Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС успешно ја реализираше тридневната Работилница за фотограметрија и 3Д документирање на културното наследство, која се одржа на 11, 18 и 19 септември 2025 година.
Работилницата беше спроведена под менторство на реномираниот меѓународен експерт Ранд Епик и опфати теоретски и практичен дел. Првата сесија, која се одржа онлајн на 11 септември, им овозможи на учесниците да се запознаат со современите дигитални методи и принципите за документација на културното наследство, со посебен акцент на примената на фотограметријата, додека на 18 и 19 септември, во манастирскиот комплекс Св. Пантелејмон во с. Горно Нерези, беше реализиран теренскиот дел од обуката. Учесниците – членови на МНК ИКОМОС (конзерватори, архитекти, археолози и други стручни лица кои активно работат во областа на заштитата на културното наследство), имаа можност практично да применат техники за воздушно и терестријално снимање со дронови, како и да работат на обработка и изработка на 3Д модел на екстериерот и ентериерот на црквата.
Работилницата овозможи размена на искуства, стекнување нови знаења и отвори можности за идни партнерства и соработки во оваа област.
Со ваквите активности, Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС продолжува да ја унапредува експертизата и да придонесува за модернизација на пристапите во документацијата и заштитата на културното наследство во нашата земја.
Им изразуваме особена благодарност на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и на монашкото братство во манастирот Св. Пантелејмон за гостопримството, срдечната поддршка и соработката во реализацијата на оваа обука.
Проектот се реализираше со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.