Skip links

22. Генерално собрание и Научен симпозиум на ИКОМОС – 2026

Од 17 до 24 октомври 2026 година, во Конгресниот центар Борнео во Кучинг, Малезија, се одржа 22. Генерално собрание на ИКОМОС, заедно со статутарните средби, сесиите на Советодавниот комитет и Научниот симпозиум. На настанот учествуваа 1.800 учесници од 110 земји – стручни лица од сферата на заштитата на културното наследство.

За време на статутарните средби и сесиите на Советодавниот комитет се разгледуваа извештаите и препораките на телата на ИКОМОС, како и извештаите за напредокот во спроведувањето на работните програми и активностите на работните групи. Генералното собрание го избра и новиот Извршен одбор на ИКОМОС за наредниот тригодишен период, кој ќе биде предводен од Гроња Шафри (Ирска) – Претседател, Маријана Переира (Португалија) – Генерален секретар и Сирил фон Планта (Австрија) – Благајник.

Централна тема на овогодинешниот Научен симпозиум беше „Живо наследство: Почит, Унапредување, Прифаќање, Партнерство“. Темата е во согласност со Тригодишниот научен план на ИКОМОС за периодот 2024–2027 година, посветен на „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“. Дискусиите и презентациите се фокусираа на пет тематски области: унапредување на истражувањата и политиките, учење од традиционалното знаење на домородните и локалните заедници, поттикнување соработка, подобрување на комуникацијата и градење капацитети.

Симпозиумот беше организиран околу четири тематски столба:

Почит – етичките принципи, културната инклузивност и улогата на гласот на заедниците во управувањето со наследството;

Унапредување – новите пристапи, технологии и образованието во заштитата на материјалното и нематеријалното наследство;

Прифаќање – промените во наследството низ времето, вклучително и во услови на криза, раселување и обнова;

Партнерство – соработката меѓу заедниците, институциите и приватниот сектор.

 

Како претставници на Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, на настаните во Кучинг, Малезија, присуствуваа Кристина Бицева – Претседател и Никола Трајковски – Генерален секретар на МНК ИКОМОС