Се одржа 47. седница на Собранието на ИКОМОС Македонија
На 27 февруари 2023 год., во Музејот на македонската борба во Скопје, се одржа 47. седница на Собранието на Националниот комитет ИКОМОС Македонија. Седницата ја водеше претседателката на ИКОМОС Македонија, Кристина Бицева, која детално ги презентираше и елаборираше точките од дневниот ред.
На седницата, од страна на членовите на Комитетот беа разгледани и усвоени годишните извештаи за работа на ИКОМОС Македонија и на неговата Работна група на професионалци во подем за 2022 год. како и Годишната програма за работа за 2023 год. Исто така беше усвоена одлука со која се продолжува мандатот на членовите на Извршниот и на Надзорниот одбор до 2024 год., а се усвои и одлука за промена на висината на членарината која ќе стапи на сила во 2024 година.
На седницата беше усвоена и одлука со која Проф. д-р Предраг Гавриловиќ се прогласи за почесен член на ИКОМОС Македонија, врз основа на неговите посебни заслуги за заштитата на недвижното културно наследство во Македонија и постигнати исклучителни резултати и придонес во развојот на заштитата на културното наследство во пошироки светски размери.
Проф.д-р Предраг Гавриловиќ е роден на 3 јули 1939 година во Пожаране, Косово и Метохија. Дипломирал на Градежниот факултет во Скопје во 1963 год., а докторирал на Градежниот факултет во Белград во 1982 година. Тој е пионер во областа на проектирање висококатници и капитални објекти според новите прописи на асеизмичко градење. Од 1974 до 2004 година работел во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје како научен соработник и раководител на отсекот за асеизмичко проектирање на конструкции на објекти од високоградба, каде бил и редовен професор од 1986г. и професор емеритус по неговото заминување во пензија во 2004 година. Активно учествувал во носењето на прописи во областа на асеизмичко проектирање на објекти од високоградба на СФРЈ, Тунис и Алжир. Бил визитинг професор на повеќе универзитети (Беркли, Болоња, Пном Пен, Катманду, Подгорица и др.), експерт на УНЕСКО и развојната програма на Обединетите Нации, консултант во различни програми и мисии, како и соработник и консултант на многу меѓународни организации од Европа и САД. Негови најзначајни дела се Structural Consolidations, Repair and Strengthening of Monuments (New York 1994), за консолидирање конструкции, санација и зајајнување на значајни објекти, како и дела од областа на земјотресното инженерство и динамиката на конструкциите. Бил раководител и главен истражувач во голем број меѓународни истражувачки проекти, експериментални и аналитички истражувања на дрвени конструкции, сеизмичко зајакнување на византиските цркви и национални споменици во Бурма, Камбоџа и др. Одликуван е со Орден за заслуги за народот со сребрена ѕвезда во 1989 година и со националната награда „Гоце Делчев“ за придонес и развој на науката во 2005 година.