Skip links

Соопштение од ИКОМОС Македонија во врска со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство

Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС Македонија, кој е дел од ИКОМОС – најголемата светска организација за заштита на недвижното културно наследство, вклучувајќи го и археолошкото наследство, со голема загриженост реагира на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство, доставен до Претседателот на Собранието од група пратеници на 3 април 2023 год. за разгледување по скратена постапка.

Имено, со предложените измени и дополнувања на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство се предлага во членот 65 по ставот (2) да се додаде нов став (3) кој би овозможил, доколку за време на вршење на градежни работи за проекти од државно значење биде пронајдено археолошко наоѓалиште, односно предмет од археолошко значење, изведувачот на работите за тоа случајно откритие да го извести надзорниот инженер, заобиколувајќи ја постојната законска одредба истото да биде пријавено непосредно до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи.

Со ваквата предложена измена и дополнување на овој член од Законот за заштита на културното наследство, се овозможува исклучување и дерогирање на компетентните стручни и надлежни инстанци за заштита на културното наследство, односно на институциите од системот за заштита кои се специјализирани, квалификувани и одговорни да преземаат мерки за заштита на наследството. Во нивна „замена“, како досега нечуен преседан, се предвидува овие надлежности да му бидат доверени на надзорен инженер, кој ја нема потребната стручност ни знаење да идентификува дали се работи за случајни откритија кои претставуваат археолошки наоди, ниту да постапува на стручен начин со истите, ниту да примени соодветни стандарди за нивна заштита. Со ова, основано сме загрижени дека доколку се прифати ваквиот предлог-закон за измена на член 65 од Законот за заштита на културното наследство, културното наследство ќе биде изложено на директна опасност од уништување и негово трајно губење.

Воедно, предлог-законот е спротивен на Уставот и на начелата на заштитата на културното наследство утврдени во Законот за заштита на културното наследство. Уставот (член 56) гарантира посебна заштита на културното наследство, кое и според Законот за заштита на културното наследство (член 5) е темелна вредност на Републиката и истото се заштитува во секакви околности како јавен интерес.

Исто така, овој предлог-закон е спротивен на сите меѓународни конвенции за заштита на културното наследство, а особено на Ревидираната Европска конвенција за археолошкото наследство на Советот на Европа од Ла Валета, ратификувана од нашата земја во 2005 година, со која, меѓу другото, се регулира и „задолжително известување на надлежните органи за случајните наоди на археолошко наследство и создавање услови за нивно натамошно проучување“, а сите аспекти на постапување со археолошкото наследство, вклучително и неговото чување треба да биде вршено од стручни лица. Нагласуваме дека ратификуваните меѓународни конвенции од страна на нашата земја имаат сила на закон во нашиот правен систем.

Предлог-законот е во спротивност и со Повелбата за заштита и управување со археолошкото наследство на ИКОМОС која ја нагласува потребата од тесна соработка меѓу инвеститорите на развојни проекти и стручните лица за заштита на археолошкото наследство. Ова е и во контекст на веќе остварената интегрирана заштита на културното наследство во нашиот правен систем, во повеќе закони, кои гарантираат соодветен третман на културното наследство во  системот на просторно и урбанистичко планирање, како и при изведувањето на инфраструктурните проекти.

Во причините за донесување на наведениот закон од страна на предлагачите е наведено дека Законот се донесува за ефикасна имплементација на „Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола) “, веќе усвоен во 2021 година, и кој сам по себе, особено со одредбата дека „ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно “ ни предизвикува сериозна загриженост. Целта на предлагачите, како што наведуваат е да се превенираат потешкотиите при имплементацијата на овие инфраструктурни проекти од обврските кои настануваат за изведувачите на работите при наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење во текот на изведување на градежните работи.

Ваквото расудување е исклучително загрижувачко. Културното наследство е развојна компонента во една земја, а не пречка или проблематична обврска. Меѓутоа, развојот и планираните развојни проекти мораат да бидат одржливи и во ниту еден случај не смеат да ги загрозат вредностите кои им припаѓаат на заедниците и на сите граѓани, туку напротив – да ги нагласат и да ја препознаат нивната развојна компонента. Како граѓани сме свесни за потребите од инфраструктурен развој на нашата земја, но не по цена на губење на една од најсилните вредности кои ја имаме како нација – културното наследство.

Затоа, категорично им нагласуваме и на инвеститорот (Владата на РС Македонија) и на сите изведувачи кои ќе бидат вклучени во реализацијата на предвидените патни правци, дека ќе мораат да ги почитуваат постојните одредби од Законот за заштита на културното наследство, да добијат мислења и услови за обврзни археолошки истражувања на евидентираните археолошки локалитети и други културни добра кои се наоѓаат на трасите на предвидените патни правци и континуиран археолошки надзор во текот на имплементација на проектите. Исто така, а особено за делницата на автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, која се наоѓа во рамките на заштитеното добро Охридски регион кој е светско природно и културно наследство на УНЕСКО, инвеститорот и изведувачот уште во самата фаза на планирање на трасите со партиципативен пристап и во тесна соработка со надлежните инстанци за заштита, ќе мораат да изготват Студија за влијание врз културното наследство која мора да биде доставена на претходно разгледување до УНЕСКО и неговите советодавни тела, меѓу кои и нашата матична организација ИКОМОС. Ова е утврдено со Оперативниот водич на Конвенцијата за светско културно и природно наследство на УНЕСКО, како и со „Законот за управување со Охридскиот регион на светско културно и природно наследство“ и Планот за управување со ова културно добро.

Затоа, Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС Македонија бара од предлагачот неодложно повлекување на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство. Доколку и спротувно на научните принципи и нашите укажувања овој предлог-закон биде ставен на собраниска расправа, бараме од пратениците во Собранието истиот да не го прифатат, апелирајќи на нивната индивидуална свест и совест.

 

ИКОМОС Македонија

10 април 2023 год.