Skip links

“БИТОЛА, БАБАМ БИТОЛА”- последниот мурал на Борко Лазески

Истражување, дигитално документирање и афирмација 

Во 2026 година, Македонскиот национален комитет на ИКОМОС го релизираше проектот „Дигитално документирање и афирмација на последниот мурал на Борко Лазески „Битола, бабам Битола“, чија цел беше да го истражи, дигитално да го документира и да го афирмира ова значајно дело, и да отвори нови можности за негово проучување, интерпретација и зачувување.

Фреската „Битола, бабам Битола“, сместена во шалтер-салата на Главната пошта во Битола, е создадена во 1991 година, кога Борко Лазески имал 74 години. Ова дело е последното монументално остварување на еден од основоположниците на современото македонско сликарство.

Муралот е изведен во акрилна техника директно на ѕид, со димензии од 3 × 7,14 метри и површина од приближно 22 м². Со повеќе од 90 ликови, композицијата претставува визуелна хроника на Битола од крајот на XIX и почетокот на XX век, период во кој градот бил значаен трговски, политички, културен и револуционерен центар, познат како „град на конзулите“.

Ова дело претставува значајно сведоштво за современото македонско ликовно творештво и за историската меморија на градот. Сепак, и покрај нејзината уметничка и историска вредност, оваа фреска со децении беше недоволно истражена и соодветно претставена пред јавноста. Недостигот од систематизирани податоци за нејзиното создавање, како и за прикажаните личности и сцени, ја наметна потребата од посветено истражување и документирање.

Истражување и архивска документација

Истражувањето се одвиваше низ разговори со вработени и пензионери на Поштата во Битола, сведоци на создавањето на фреската, како и преку проучување на приватната архива на Борко Лазески. 

Благодарение на Росица Лазеска, ќерката на уметникот, на располагање ни беа ставени вредни документи, лични белешки, писма, подготвителни скици, студии, фотографии и видео-материјали. Оваа документација овозможи подлабок увид во творечкиот процес на авторот и во неговиот пристап кон обликувањето на ликовниот и историскиот свет на фреската. 

Врз основа на записите на авторот, истражена е литературата што ја користел при создавањето на фреската, како и неговите истражувања зачувани во Архивот на Битола. Овие истражувања придонесоа за откривање и идентификување на одредени сцени и личности прикажани во делото.

Архивските материјали претставуваат драгоцен извор за подобро разбирање на содржината и значењето на делото, како и за зачувување на сеќавањата поврзани со неговото создавање.

Дигитално документирање со фотограметрија

Важен сегмент во овој проектот беше и дигиталното документирање на фреската со примена на фотограметрија – современа техника со која, преку серија фотографии, се создава прецизен тридимензионален модел. На овој начин се овозможува детално проучување на делото и се создава дигитален запис што ќе биде значаен за неговото истражување, документирање и презентација во иднина. 

Дигиталната документација е надополнета со едукативна видео-презентација и изложба на архивски материјали и подготвителни скици, со цел резултатите од истражувањето да станат достапни за пошироката јавност.

3D моделот добиен со фотограметрија може да се разгледа [тука]

Погледнете го [видеото за проектот] на нашиот YouTube канал.

Значење на проектот

Со ова истражување, муралот „Битола, бабам Битола“ повторно се поставува во фокусот на културниот живот на градот, како сведоштво за уметничката визија на Борко Лазески и за богатото историско и културно наследство на Битола. Веруваме дека неговото документирање и афирмација ќе придонесат делото да биде подобро препознаено, проучувано и вреднувано од сегашните и идните генерации.

За Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, овој проект претставува пример за поврзување на истражувачката работа, современите технологии и јавната промоција на културното наследство. Неговото значење не се исцрпува само во создавањето дигитален запис на едно вредно уметничко дело, туку и во повторното откривање на неговата содржина, во отворањето нови можности за едукација и во поттикнувањето на интересот за неговото долгорочно зачувување.

Со ова истражување, муралот „Битола, бабам Битола“ повторно се поставува во фокусот на културниот живот на градот Битола, како сведоштво за уметничката визија на Борко Лазески и за богатото историско и културно наследство на градот. Веруваме дека неговото документирање и афирмација ќе придонесат делото да биде подобро препознаено, проучувано и вреднувано од сегашните и идните генерации.

Публикација

Каталогот од проектот е достапен на следниот [линк]

 

Проектот беше реализиран од страна на тим на МНК ИКОМОС во состав:

Марија Петровска, Раководител на проект
Росица Лазеска, Стручен соработник – истражувач/архивска анализа
Димитар Солаковски, Стручен соработник – анализа и фотограметрија