Skip links

Монографија по повод Јубилејот – 30 години Македонски национален комитет на ИКОМОС

Во јубилејната 2024 година, МНК ИКОМОС ја заокружи својата 30-годишна историја со издавањето на монографијата „30 години Македонски национален комитет на ИКОМОС“. Создавањето на оваа монографија произлезе и од желбата за подобро разбирање на развојот на Комитетот, како и за документирање на придонесите во заштитата на недвижните културни добра како негово наследство. 

Патот до основањето

На 9 декември 1994 година, Македонскиот национален комитет на ИКОМОС стана дел од глобалното семејство на ИКОМОС – меѓународната организација основана на иницијатива на УНЕСКО, посветена на промовирање на примената на теоријата, на методологијата и на научните техники за зачувување на архитектонското и археолошкото наследство. ИКОМОС, како уникатна глобална мрежа со над 11.000 членови во 131 земја, претставува платформа за развој на доктрини и методологии за одржлива заштита на културното наследство.

Три децении активности и достигнувања

Во текот на изминатите 30 години, Македонскиот национален комитет на ИКОМОС поведува и активно учествува во бројни проекти, иницијативи и програми за зачувување на културното наследство и за едукација на идните генерации, придонесувајќи за зајакната заштита на културното наследство во Македонија според меѓународните стандарди и препораки на ИКОМОС.

Монографијата ги обединува дигитализираните архивски материјали, документи и визуелни сведоштва кои ја раскажуваат приказната за три децении активности, иницијативи и достигнувања. Почнувајќи од основањето на МНК ИКОМОС, преку организациската структура и клучните членови кои го обликувале, па сè до хронолошки приказ на избор од многубројните проекти, работилници, предавања и форуми, монографијата нуди увид во развојот на Комитетот.

Сведоштво за минатото и инспирација за иднината

Монографијата е повеќе од сведоштво за изминатите успеси – таа е посвета на сите активни и поранешни членови на МНК ИКОМОС, чии истрајност и посветеност го издигнаа Комитетот на денешното ниво на влијателност. Создадена за идните професионалци и љубопитните читатели, таа претставува извор на инспирација, поттикнувајќи нови иницијативи и идеи за зачувување на културното наследство.

Нека ова издание служи како поттик за сите нас – да продолжиме да ја негуваме, заштитуваме и промовираме нашата заедничка културна меморија, а на сите оние, кои беа дел од ова патување, им благодариме и се радуваме на наредните години исполнети со нови успеси и достигнувања.

Бесплатен пристап до дигиталната публикација – овде.

Монографијата „30 години Македонски национален комитет на ИКОМОС“ е уредена од Ивана Коцевска и Кристина Бицева, а во подготовката на архивските материјали беше вклучен и Никола Трајковски.

Изданието е објавено со делумна финансиска поддршка од Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2024 година на Министерството за култура и туризам.