Се одржа студиската посета ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата за културното наследство“ во организација на ИКОМОС Македонија
Во периодот од 12 до 22 септември 2022г., се одржа студиската посета ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“ во организација на ИКОМОС Македонија, а со финансиска поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје. Студиската посета се одвиваше на избрани споменици/локалитети во нашата земја каде како студии на случај во рамките на програмата беа опфатени културни добра кои се конзервирани со финансиска помош од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство (AFCP) на Стејт Департментот на САД, со посебен фокус на конзерваторскиот проект кој се спроведува на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола.
Дванаесет студенти од РС Македонија и од Грција имаа ретка можност да учествуваат во специјализирани стручни посети на археолошки локалитети и културни добра, проследени со серија предавања од домашни експерти за заштита на културното наследство и членови на ИКОМОС Македонија, а беа одржани и состаноци со менаџерите на локалитетите, археолози, кустоси и други стручни лица. Учесниците имаа прилика да научат повеќе за конзерваторскиот проект кој се одвива на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, да посведочат примери од македонската традиционална рурална архитектура во селото Маловиште и да чекорат по историската патека посветена на случувањата од Првата светска војна во НП Пелистер. За време на посетата на археолошкиот локалитет Стоби, учесниците имаа прилика да слушнат за конзерваторските проекти кои се реализирале со помош на AFCP и да ги посетат работните простории за конзервација на мозаици, додека во Скопје имаа стручни тури во Археолошкиот музеј и во Старата скопска чаршија. Неделните активности завршија со посета на Шарената џамија и Уметничката галерија (амамот) во Тетово, обете конзервирани со финансиска помош од AFCP. Последните денови од студиската посета учесниците се восхитуваа на богатото културно и природно наследство во Охридскиот регион, а притоа имаа стручни посети на црквата Св.Богородица Перивлепта (конзервирана со помош од AFCP), Самуиловата тврдина, археолошкиот локалитет Плаошник и на Старото градско јадро на Охрид. Како последни теренски активности, учесниците ги посетија Заливот на коските, комплексот Св.Наум и средновековната црква Св. Илија во село Грнчари во Преспа.
Меѓудругото, за време на студиската посета, учесниците имаа задача да подготват План за управување со посетители за археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Патеки за интерпретација и презентација за истиот локалитет кој беше главна студија на случај за време на посетата. Презентациите на двете работни групи беа презентирани на завршниот ден од студиската посета по што учесниците се стекнаа со сертификати за успешно завршување на истата. На свеченото затворање кое се одржа во Музејот во Битола, сертификатите им беа врачени од страна на г-ѓа Кристина Бицева, претседател на ИКОМОС Македонија и од г. Ерик Мејер, вршител на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија.
Студиската посета ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“ се реализираше и во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, НУ Стоби, Археолошкиот музеј во Скопје и НУ Конзерваторски центар – Скопје.