Skip links

Европски начела за квалитет за интервенции финансирани од ЕУ со потенцијално влијание врз културното наследство

На 20 мај 2022г. во Europe House во Скопје беше промовирано македонското издание на публикацијата ,,Европски начела за квалитет за интервенции финансирани од ЕУ со потенцијално влијание врз културното наследство“ во присуство на државни функционери, дипломати, експерти за заштита и љубители на културното наследство. Настанот беше организиран од ИКОМОС Македонија, во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје и со поддршка на Министерството за култура.

Со поздравно обраќање, настанот го отвори г-ѓа Кристина Бицева, претседател на ИКОМОС Македонија која во своето обраќање истакна дека ,,ИКОМОС Македонија, кој е национален комитет во рамките на меѓународната заедница на ИКОМОС и најголемата и најстарата невладина организација за недвижно културно наследство во Македонија, има за цел да ги промовира овие начела за квалитет во стручната заедница и да ги поддржи процесите за зајакнување на нивните капацитети преку обуки за планирање и креирање на проекти за културно наследство. Затоа, се радуваме што денес имаме можност со вас да го споделиме овој документ во превод на македонски јазик, со цел истиот да биде попристапен за сите стручни лица од сферата на заштитата на културното наследство, но и со сите останати засегнати страни во нашата земја“ – кажа Бицева.

Присутните ги поздрави и Н.Е.г. Дејвид Гир, Амбасадор и Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје кој ја истакна својата благодарност до сите кои биле вклучени во изработката на овој документ и во неговиот превод на македонски јазик и верување дека истата ќе им користи на сите кои работат во сферата на заштитата на културното наследство. ,,ЕУ ја поддржа Северна Македонија во заштитата и унапредувањето на нејзиното законодавство за промовирање на европските стандарди, меѓутоа и со потикнување на специјални тела кои се основа за планираните реформи и за јакнење на капацитетите, но финансирање, како и голем број проекти за заштита на културното наследство низ целата земја кои беа финансирани со ИПА инструментот за претпристапна помош и прекугранична соработка и регионален развој. Северна Македонија може да има полза од целата наша поддршка што можеме да ја дадеме“– додаде Гир.

На настанот се обрати и министерката за култура, д-р Бисера Костадиновска – Стојчевска, која нагласи дека ,,Поддршката на ЕУ за издавање на оваа публикација на македонски јазик е значаен придонес во збогатувањето на домашната стручна литература која ќе помогне да бидеме во чекор со најсовремените пристапи во заштитата на културното наследство“. Таа се заблагодари на Делегацијата на Европската Унија за поддршката и за континуираниот придонес во утврдувањето на стандардите во областа на културното наследство и на ИКОМОС Македонија за посветеноста и ентузијазмот при реализацијата на оваа иницијатива.

Со свои видео-обраќања присутните беа поздравени и од д-р Риин Алаталу, потпретседател на ИКОМОС и од г-ѓа Мари-Лор Левенир, генерален директор на Меѓународниот секретаријат на ИКОМОС.

Во рамките на настанот беше организирана и стручна дискусија во која гостин-говорник беше г.Грелан Д. Рурк, клучен експерт и ко-автор на публикацијата од ИКОМОС Ирска. Г.Рурк го презентираше процесот на изработка на публикацијата „Европските начела за квалитет за интервенции финансирани од ЕУ со потенцијално влијание врз културното наследство“ на ИКОМОС“ и детално ги елаборираше нејзините поглавја, додека Кристина Бицева презентираше за ,,Значењето на Европските начела за квалитет во македонскиот контекст за културното наследство“. На крај д-р Мери Стојанова, директор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, ја презентираше студијата на случај SMART-CUL-TOUR, проект финансиран од ЕУ во РС Македонија преку IPA CBC Албанија-Северна Македонија 2014-2020, по што следуваше дискусија.

,,Европски начела за квалитет за интервенции финансирани од ЕУ со потенцијално влијание врз културното наследство“ претставува меѓусекторски документ на ИКОМОС што произлегува од работата на експертската група составена од ИКОМОС, под мандат на Европската комисија и во рамките на Водечката иницијатива на Европската Унија за Европската година на културното наследство 2018 – „Негување на наследството: развивање стандарди за квалитет за проекти финансирани од ЕУ кои имаат потенцијал да влијаат врз културното наследство“. Изданието, досега, достапно е на англиски, француски, германски, италијански, словенечки, шпански и на македонски јазик, што ја вбројува Македонија помеѓу пионерите во нејзиното промовирање, а промотивниот настан на ИКОМОС Македонија е прв од овој вид кој се организира за оваа публикација во цела Европа.