Skip links

2022. Годишно генерално собрание / Сесии на Советодавниот комитет / Научен симпозиум на ИКОМОС

Од 25 до 31 октомври 2022 год. во Банкок, Тајланд (и хибридно – виртуелно), се одржаа клучните годишни настани на Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС: Годишното генерално собрание, сесиите на Советодавниот комитет и Научниот симпозиум.

За време на сесиите на Советодавниот комитет се разгледуваа и усвојуваа извештаите и препораките на телата на ИКОМОС (Извршниот одбор, офицерите на Научниот совет, Офицерот за национални комитети, Генералниот секретар и Меѓународниот секретаријат на ИКОМОС), како и извештаите за напредокот на работните програми и групи. Се дискутираше и за повеќе стручни материјали на ИКОМОС, меѓу кои и „Водичот за проценка на влијанија во контекст на Светското наследство“; „Патеки кон автентичност“; „Принципите Чи-Ан/Дубровник“; „Акцискиот план за целите за одржлив развој“ и др. Беа презентирани и програмите од новиот Тригодишен научен план на ИКОМОС (2021-2024), а посебна сесија беше посветена на заштитата на културното наследство во конфликтни ситуации. Исто така, беа разгледани и дадени на усвојување два нови доктринарни документи на ИКОМОС: „ИКОМОС Насоки за Антарктичка археологија“ и „ИКОМОС Меѓународна повелба за туризам поврзан со културно наследство“.

Оваа година се одржаа вонредно и редовно Годишно генерално собрание на ИКОМОС, на кои беа разгледувани неколку статутарни измени (во поглед на виртуелните седници на телата на ИКОМОС), а беа презентирани и годишните извештаи на Претседателот на ИКОМОС и Годишниот финансиски извештај.

Темата на овогодинешниот Научен симпозиум беше „Верско наследство: почитување и конзервација на места со верско и ритуелно значење во глобалниот свет и во променливи клими“. Во рамките на оваа тема, беа издвоени пет подтеми: 1. Значењето на верските и ритуалните места; 2. Влијанието на климатските промени врз конзервацијата, заштитата и управувањето на културното наследство; 3. Промена на употребата и перцепцијата на верските и ритуалните места по пандемијата со КОВИД-19; 4. Практикување на верски поклоненија по пандемијата на КОВИД-19 и 5. Адаптивна употреба на културното наследство. Во текот на два дена (29-30 октомври), во рамките на 12 сесии беа претставени 55 научни трудови.

Како преставник на ИКОМОС Македонија, на оваа серија настани во Банкок, Тајланд, присуствуваше Кристина Бицева – Претседател на Националниот комитет. Таа ја имаше и улогата на Рапортер на Годишното генерално собрание.