Skip links

2023. Тригодишно генерално собрание / Сесии на Советодавниот комитет / Научен симпозиум на ИКОМОС

Од 31 август до 9 септември 2023 год. во Сиднеј, Австралија (и хибридно – виртуелно), се одржа Тригодишното генерално собрание на ИКОМОС, заедно со сесиите на  Советодавниот комитет и Годишниот научен симпозиум.

За време на сесиите на Советодавниот комитет се разгледуваа и усвојуваа извештаите и препораките на телата на ИКОМОС (Извршниот одбор, офицерите на Научниот совет, Офицерот за национални комитети, Генералниот секретар и Меѓународниот секретаријат на ИКОМОС), како и извештаите за напредокот на работните програми и групи.

Од страна на Генералното собрание беа усвоени повеќе резолуции за културното наследство: „Климатски промени и домородно наследство“; „Културните димензии на целите за одржлив развој“; „Спроведувањето на приодот базиран на човекови права во управувањето со културното наследство“; „Препознавање на вредностите на домородните народи во поврзаноста меѓу културата и природата во исклучителната универзална вредност на локалитетите на светско наследство“.

Беше презентиран и усвоен новиот Тригодишен научен план на ИКОМОС (2024-2027): „Подготвеност за ризици“, која ќе се фокусира на културното наследство изложено на конфликти, климатски промени и природни непогоди.

Сеопфатната тема на овогодинешниот Научен симпозиум на ИКОМОС беше „Наследството менува“. Преку оваа тема Генералното собрание на ИКОМОС за 2023 година се обиде да ги испита бурните промени што се случуваат во првите години од 2020-тите. Климатските промени, конфликтите, КОВИД-19, ограничувањата на движење, затворените граници, виртуелните состаноци и движењето „Black Lives Matter“ длабоко ги променија начините на доживување на светот. Каква беше улогата на наследството во овие настани? Што се менува во сферата на културното наследство и што треба да се промени? Што менува наследството – на пример, во граѓанското општество, животната средина, економијата и во политиката? И, на кој начин наследството е сила за промени и составен дел за создавање одржлива иднина?

За да се одговори на овие прашања, симпозиумот се фокусираше на четири подтеми: отпорност, одговорност, права, поврзаност и пет програми: домородно наследство, патување култура-природа, наследството за климата, наследството како одржливост и дигитално наследство, во рамките на кои беа презентирани научни трудови од стручни лица од целиот свет.

Во текот на ова Тригодишно генерално собрание на ИКОМОС се одржаа и избори за членови на раководните тела на организацијата. Беа избрани нови 20 членови на Извршниот одбор со тригодишен мандат, а од тој состав беа избрани 5 потпретседатели: Ријн Алаталу (Естонија), Леонардо Кастриота (Бразил), Дана Фирас (Јордан), Сузан Мекинтајар Тамвој (Австралија) и Чилангва Чаива (Замбија); беше избран нов Финансиски известител – Сирил фон Планта (Австрија), Генерален секретар – Јурн Буисман (Холандија) и Претседател на ИКОМОС – Тереза Патрисио (Белгија).

Како претставници на ИКОМОС Македонија, на оваа серија настани во Сиднеј, Австралија, присуствуваа Кристина Бицева, Претседател на Националниот комитет и Никола Трајковски, Генерален секретар.