Skip links

Вебинар ,,Дигитализација на културното наследство: Примена на дигитални алатки за документација, презентација и интерпретација на археолошкото наследство во РС Македонија“

На 19 март 2021 година се одржа вебинар на ИКОМОС Македонија на тема ,,Дигитализација на културното наследство: Примена на дигитални алатки за документација, презентација и интерпретација на археолошкото наследство во РС Македонија“, во организација на Работната група на професионалци во подем (РГПП).
Вебинарот ,,Дигитализација на културното наследство: Примена на дигитални алатки за документација, презентација и интерпретација на археолошкото наследство во РС Македонија“, се одржа виртуелно преку платформата ZOOM, а се организираше со цел да ја информира стручната јавност за начинот и потребата од примена на овие алатки, како и запредизвиците со кои се соочуваат професионалците при нивната имплементација. Избраните говорници на овој вебинар беа професионалци од областа на заштитата на археолошкото наследство од поновата генерација, пионери во дигитализирање на културното наследство и на истиот говореа за документирање на археолошкото наследство преку примена на фотограметрија или IBM (Image-based-modeling), за изработката на едукативни алатки за презентација и интерпретација на археолошкото наследство преку употреба на VR (virtual reality) технологија и мобилни апликации, изработка на првата виртуелна тура за археолошки локалитет во Македонија, како и изработка на 3D модели на археолошки предмети.
Модератор на настанот беше Ана Алексова Тутковска, Координатор на РГПП, додека присутните беа поздравени од д-р Лазар Шуманов, Претседател на ИКОМОС Македонија со што се означи почетокот на стручниот дел од вебинарот.
На вебинарот говореа Мишко Тутковски и Димитар Николовски од НУ Стоби, Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата и Христијан Талевски од ЈНУ Институт за Старословенска култура – Прилеп за следните проекти:

  • Мултидисциплинарно истражување на Врбјанска Чука и дигитална презентација на археолошкиот локалитет – д-р Гоце Наумов;
  • Презентација на проектот: Виртуелен музеј и виртуелна прошетка низ археолошкиот локалитет Стоби – м-р Мишко Тутковски;
  • Презентација на проектот: ,,Тродимензионално моделирање на пет археолошки локалитети од римскиот период“ – д-р Христијан Талевски и
  • Димитар Николовски – Презентација на проектите: ,,Гладијаторите се враќаат во Стоби“ ВР искуство и ,,Стоби ЕДУ“ и изработка на првата мобилна апликација за аудио-водич за археолошки локалитет.

По завршување на презентациите следуваше сесија посветена на прашања и одговори која резултираше со богата дискусија, модерирана од страна на членовите на РГПП, Мартин Ефремовски, Ивана Коцевска, Филип Манојловски и Никола Трајковски. Настанот беше заокружен со заклучни согледувања и препораки од ИКОМОС Македонија, кои беа резимирани и презентирани од страна на Кристина Бицева, Потпретседател на Комитетот.
За учество на овој вебинар беа регистрирани 295 учесници од сите делови на светот, а за сите оние кои не успеаја да се вклучат на самиот настан поради ограничениот капацитет, беше овозможен и пренос во живо на Facebook страната на ИКОМОС Македонија.
Вебинарот е достапен на YouTube каналот на ИКОМОС Македонија и можете да го погледнете на следниот линк: https://rb.gy/gywlx3 .