Skip links

18 Април – Меѓународен ден на спомениците и локалитетите

Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) на 18 април во целиот свет го одбележува Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, востановен во 1982 година. По тој повод, на 18 април 2021 година, Националниот комитет на ИКОМОС Македонија, организираше посебна активност во вид на кратка интерактивна анкета со следбениците на профилите на ИКОМОС Македонија на социјалните мрежи: Facebook, LinkedIn, Twitter и Instagram со цел да се отвори дискусија и размена на мислења и ставови околу овогодинешната тема со која се одбележа 18 Април – ,,Комплексно минато: разновидна иднина“. Во средиштето на темата „Комплексно минато: разновидна иднина“ беше покренување на дискусија и критичко испитување на минатото преку зачувувањето на културното наследство, поттикнувајќи негово согледување и презентирање од различни гледишта и непристрасност при неговото толкување. ИКОМОС сака да промовира нови дискурси, различни и нијансирани пристапи кон постојните историски наративи, поддржувајќи инклузивност. Тоа се пред сè осврти кон споменици и/или локалитети кои биле намерно разрушувани, споменици на опресија и угнетување, како и третманот на домородните населенија и нивното наследство, нагласувајќи ја повеќеслојноста на историјата и наследството и нивното различно значење за различни заедници.

Иницијативата за организирање на оваа активност произлезе од Работната група на професионалци во подем (РГПП), чиишто членови и ја реализираа. Анкетата беше спроведена  на 15 и 16 април, додека резултатите беа споделени со јавноста на 18 април. За потребите на анкетата, беа подготвени посебни прашања во форма на специјално дизајнирани постери кои беа споделени на социјалните мрежи во текот на 15 и 16 април и тоа:  

За време на првиот ден од анкетата, беа поставени прашањата: 

  • Кој е твојот омилен споменик/локалитет од минатото?
  • Според тебе кој е најпрепознатлив македонски споменик/локалитет?
  • Кој македонски споменик/локалитет би сакал/а да го посетиш во иднина?

Додека на вториот ден од анкетата беа поставени прашањата:

  • Кој збор најмногу те асоцира на културно наследство?
  • Во кое културно добро ја препознаваш нашата повеќеслојна историја?
  • Со еден збор наведи како подобро да се заштити културното наследство?

Добиените одговори беа споделени со јавноста на профилите на социјалните мрежи на ИКОМОС Македонија на 18 април – Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, повторно во форма на специјално дизајнирани постери.
Веста за оваа активност беше споделена и на веб-страната на Меѓународниот ИКОМОС во рамките на официјалната програма за одбележување на 18 Април.