Одбележана 50 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО
Во организација на ИКОМОС Македонија, на 17 ноември 2022 год., во Europe House во Скопје се одржа Меѓународниот форум ,,50 години Конвенција за светско наследство на УНЕСКО: Меѓународни стандарди во национален контекст“ по повод одбележувањето на 50 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО. Форумот се одржа во хибриден формат, со физичко присуство и преку платформата ZOOM.
На Форумот учествува стручни лица и меѓународни експерти од надлежните државни и меѓународни институции и организации, вклучително и претставници од Советодавните тела на УНЕСКО за имплеметација на оваа Конвенција – од ИКОМОС, ИКРОМ и ИУЦН, кои говореа за заштитата и управувањето со светското наследство, како и за состојбата со имплементацијата на оваа Конвенција во нашата земја.
Форумот беше отворен од страна на г-ѓа Кристина Бицева, Претседател на ИКОМОС Македонија, која во своето обраќање истакна дека ,,овој форум претставува наш придонес во одбележувањето на големиот јубилеј од усвојувањето на клучната конвенција за културното, но и природното наследство , со кое ИКОМОС Македонија се приклучува кон серијата настани посветени на овој јубилеј во глобални рамки, а клучен настан за одбележувањето на овој јубилеј во нашата земја. Овој настан е со цел да отвориме дискусија и дебата околу предизвиците со кои се соочуваме при имплементација на оваа Конвенција на национално ниво, колку и дали располагаме со потребните ресурси, капацитети, но и воља, да се справиме со овие предизвици, како и да се запрашаме што можеме сите (лично, институционално, национално) да направиме за подобар третман и грижа за светското наследство во следните 50 години.“
Со линковско вклучување преку платформата ZOOM, во име на Регионалното биро на УНЕСКО за Европа, присутните беа поздравени од г.Синиша Шешум, Директор на Антена Канцеларијата на УНЕСКО во Сараево, кој срдечно се заблагодари за заложбите на ИКОМОС Македонија за организирање на овој настан и во своето обраќање потенцираше дека ,,Природното и културното наследство на Охридскиот регион е помеѓу првите 50 добра впишани на Листата на светско наследство на УНЕСКО за време на третата сесија на Комитетот за светско наследство во 1979 година. Впишувањето на Листата овозможи меѓународен престиж и промоција, но и обврски кои мора да бидат исполнети пред сè од страна на Владата и нејзините државни институции, а потоа од локалните заедници, граѓанското општество и од секој еден граѓанин. Впишувањето на Листа на светско наследство често наместо придобивки, носи и негативни, а понекогаш и неповратни последици врз исклучителнат универзална вредност на доброто поради развојот во заштитеното подрачје. И поради тоа ги повикуваме земјите-членки строго да ги почитуваат одредбите содржани во Конценцијата за светско наследство, препораките на Центарот за светско наследство и на неговите Советодавни тела со цел навремено делување и справување со настанатите предизвици, како и строго да ги следат препораките содржани во Оперативниот водич и континуирано нивно имплементирање“.
Во своето обраќање Н.Е. г. Дејвид Гир, Амбасадор и Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје подвлече дека ,,Заштитата на природното и културното наследство се наоѓа високо на Европската агенда и на агендата на нашиот глобален партнер, Обединетите нации. Ова се рефлектира во нашите стратешки документи, во кои целиме кон добросостојба на човештвото, одржлив развој и здрава планета. Охридскиот регион е најдобар пример за единство помеѓу природата и културата и обете, животната средина и културното наследство поседуваат универзална вредност за нас како индивидуи, заедници и општества. И токму поради ова тој мора да е заштитен, за нас и за генерациите кои доаѓаат.“ Тој додаде дека ,,Европската Унија ги дели истите грижи со УНЕСКО во однос на состојба со природното и културното наследство на Охридскиот регион, особено во однос на бавното имплементирање на препораките на УНЕСКО што е нотирано во последниот Извештај за напредокот на земјата на Европската Унија. За да се имплементираат препораките на УНЕСКО потребни се значителни ресурси – финансиски, технички и човечки, блиска соработка помеѓу националните и локалните авторитети и инволвирање на сите засегнати чинители, а особено на граѓанското општество. Потребен е политички консензус и политичка волја“.
Министерката за култура и Претседател на Националната комисија за УНЕСКО во Република Северна Македонија, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска, нагласи дека ,,и покрај преземените активности, нашата заедничка акција како да го нема задоволителниот интензитет во справувањето со причините и со причинителите кои го загрозуваат Охридскиот регион, впишан во Листата на УНЕСКО како реткост од светско значење. Мораме итно и сите да дејствуваме. туризмот е голем пријател на економијата и на локалното население, но, како што потенцираше, не смееме да дозволиме, барем не онака како што добар дел од луѓето го разбираат и го практикуваат, да биде закана за културното и за природното наследство“.
По поздравните обраќања се одржаа две стручни сесии на кои гостите-говорници учествуваа со свои експертски излагања и презентации на разни теми поврзани со заштитата на светското наследство, по кои следуваа стручни дискусии со учесниците на Форумот.
Првата сесија ,,50 години Конвенција за светско наследство на УНЕСКО: Меѓународни перспективи и насоки за иднината“, се одржа виртуелно преку платформата ЗУМ и беше модерирана од страна на Мартин Ефремовски. Во неа, говореа: Режина Дуригело, Директор на Одделот за советување и мониторинг при Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС), Јуџин Џо, Програмски менаџер на Програмата за лидерство за светско наследство при Меѓународен центар за изучување на заштитата и реставрацијата на културните добра (ИКРОМ), Борис Ерг, Директор на Европската канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН ЕУРО) и Оливер Аврамоски – Сениор координатор за грантови во Фондот за природата Преспа – Охрид (ПОНТ).
Во рамките на втората сесија ,,Нашето светско наследство: Национални предизвици“, модерирана од д-р Мишко Тутковски во Europe House учествуваа: Ана Алексова Тутковска од ИКОМОС Македонија, Зоран Павлов, Претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и Фокал поинт на УНЕСКО за културно наследство и Дејан Пановски, Сениор програмски офицер за македонската страна – GWP Mediterranean и Поранешен фокал поинт на УНЕСКО за природно наследство .
Настанот беше организиран со финансиска поддрша од Министерството за културна на РС Македонија и во соработка со Europe House во Скопје.