Започна проектот ,,Размена на знаења за конзервација и иновативно управување со културното наследство меѓу Италија и Северна Македонија“
ИКОМОС Македонија и Управата за заштита на културното наследство, заедно со Центарот за конзервација и реставрација „Ла Венариа Реале“ и Фондацијата за културна економија Сантагата од Торино, Италија, со задоволство го најавуваат почетокот на проектот „Размена на знаења за конзервација и иновативно управување со културното наследство меѓу Италија и Северна Македонија“, кофинансиран од Програмата за размена на знаења (Know-how Exchnage Programme – KEP) на Централноевропската иницијатива (CEI) за 2021 година. Овој проект е еден од 7-те избрани од 65 пријави од повикот за предлози на KEP 2021, со финансирање обезбедено од Италија преку Фондот на CEI во Европската банка за обнова и развој.
Проектот „Размена на знаења за конзервација и иновативно управување со културното наследство меѓу Италија и Северна Македонија“ кој ќе се спроведува една година, има за цел да ги зајакне техничките вештини и вештините за управување на стручните лица вклучени во заштитата на културното наследство во Република С.Македонија, со цел зајакнување на нивните капацитети за развивање одржливи, ефикасни и холистички стратегии за конзервација на културното наследство.
Поконкретно, целите на проектот се:
- Унапредување на конзервацијата и иновативното управување со културното наследство во Централноевропскиот регион;
- Промовирање на размената и споделувањето на знаења поврзани со сложениот процес на заштита и одржлив развој на културното наследство;
- Зајакнување на меѓународните мрежи за соработка;
- Подигнување на свеста за потенцијалот на културните политики за поттикнување меѓукултурен дијалог, зачувување на културниот и јазичниот идентитет на малцинските групи и обезбедување еднаков пристап до знаење.
ИКОМОС Македонија и Управата за заштита на културното наследство ќе имаат можност да учествуваат во специјализирани обуки за најсовремените пристапи во конзервацијата и управувањето со културното наследство.
Центарот за конзервација и реставрација „Ла Венариа Реале“ од Торино, Италија со својата широка техничка и научна експертиза за конзервација на природни и вештачки камени материјали, како што е ѕидното сликарство, мозаиците, штукото и малтерите (материјали кои се идентификувани како подложни на ризици во нашата земја), ќе ја фокусира својата дидактичка активност врз насоките и методолошкиот пристап во конзерваторските интервенции. Наставните модули ќе содржат методолошки пристап, карактеризација на материјалите, превентивна и директна конзервација, проценка на ризици, но и одржување.
Фондацијата Сантагата со својата експертиза за културна економија, управување со културното наследство (вклучувајќи ги и конвенциите и насоките на УНЕСКО) и локалниот развој заснован врз културата, ќе ја фокусира својата обука на збогатување и зајакнување на знаењата на стручните лица за пристапите и методологиите за вклучување на културното наследство во одржливиот развој, во меѓународните односи и учеството на заедниците кои се применуваат на меѓународно ниво.
Обуките ќе се реализираат преку онлајн дидактички модули и предавања со физичко присуство, вклучително и практична обука на избрани културни добра.
Во контекст на проектните активности за споделување на стекнатите знаења и вмрежување, 10 македонски млади професионалци ќе бидат вклучени и ќе учествуваат на „Форумот за млади професионалци – Нови вештини за конзервација на културното наследаство 2022“, кој го организира „Ла Венариа Реале“. Овој дигитален настан ќе го претстави нашиот проект во виртуелен простор за меѓународна размена на експертиза помеѓу младите професионалци од Централноевропскиот регион со остатокот од светот.