Skip links

Панел-дискусија „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини“

Вчера, 10 декември 2021 год., во неодамна конзервираниот и ревитализиран Офицерски дом во Битола, се одржа панел дискусија во организација на Националниот комитет ИКОМОС Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на тема „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини”. Преку овој настан како прв од серијата идни планирани активности, нашите две организации започнуваат да ја демонстрираат својата соработка иницирана со потпишување на Меморандум за соработка на вчерашниот настан. 

„Навистина се радувам што денес ја имам оваа можност да ви посакам добредојде од мојата Битола, од амбиентот на овој прекрасен репрезент на културното наследство на Битола – Офицерскиот дом, кој емблематично, и симболично, денес, пред очите на сите нас, ни покажува што всушност може да се постигне со заштитата и ревитализацијата на културното наследство. Кај мене – чувство на гордост и среќа што ова парче од историјата, ќе продолжи да биде сведок на минатото за идните генерациии наши сограѓани. Но, зошто ова да не биде случај и со другите бројни културни добра кои сме ги наследиле од нашите претци во Битола, но не и само тука. Сведоци сме дека многу од вредните траги од минатото изразени во репрезентативната архитектура и автохтон урбанизам на Битола дел по дел се распаѓаат и исчезнуваат пред нашите очи. Да, ликот на секој град треба да добие и одлики од современите текови на сегашноста, кои ги отсликуваат модерните потреби на неговите жители, но што би била Битола без својот Широк сокак, без својата Стара чаршија или знајните и помалку знајни бисери на нејзината препознатлива архитектура низ другите не толку широки сокаци во градот?” – истакна Кристина Бицева, претседател на ИКОМОС Македонија. 

Кристинка Радевски, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери во своето обраќање посочи: „Во нашата држава постојат неколку градски јадра прогласени за споменички целини. Концептот за работа во следниот четиригодишен мандат што пред извесно време ја доби поддршка во Собранието на Комората, меѓу другото, предвидува не само децентрализирање на активностите на Комората туку проширување на делокругот на соработка со инстиуции со слични интереси. Преку овој настан, Комората го промовира својот концепт, а вакви расправи покрај во Битола, се планираат и во останатите центри на државата како Охрид, Скопје, Крушево и Кратово” 

Регулирањето на градењето во Старото градско јадро на Битола е еден од предизвиците со кои се носи градот и секое унапредување на регулативата е добредојдено за сите чинители. Културниот идентитет на Битола не може да се замисли без Старото градско јадро и неговата заштита, кое пак не може да остане одржливо ако не се развива. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски кој се обрати пред присутните, истакна: „Балансот помеѓу заштитата и развојот, најдобро можете да го одредите вие, професионалците, а ние политичарите сме тука за да ве сослушаме, а потоа заеднички да ги спроведуваме политиките што ги препорачуваат експертите. Моите очекувања од стручната дискусија се насочени во правец на усогласување на регулативата и поедноставување на постапките што го регулираат градењето во Старото градско јадро во Битола, без притоа да се влијае на културниот идентитет на градот. Верувам во капацитетите на Комората и ИКОМОС Македонија, како стручни тела, дека во соработка со стручните институции и професионалците во нив можат да одговорат на предизвикот. Се надевам дека Законодавецот ќе ги препознае капацитетите на чинителите и ќе излезе во пресрет, со цел унапредување на регулативата.” 

Пред бројната стручна публика која вклучуваше претставници од институциите за заштита, министерствата за култура и транспорт и врски, локалната самоуправа и архитекти од приватниот сектор, беа направени презентации од страна на членови на ИКОМОС Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а заклучоците од плодната дискусија ќе бидат сумирани и проследени до релевантните засегнати институции во насока на унапредување на состојбите.