Европски денови на културното наследство 2021 ,,Виртуелна инклузивна интерпретација на културното наследство на Охрид и Битола“

Од 22 до 26 септември 2021 година, во рамките на Европските денови на културното наследство, на социјалните мрежи Facebook, Тwitter, LinkedIn и Instagram беа промовирани интерпретативни видеа со културното наследство на Охрид и Битола изработени од ИКОМОС Македонија. 

Европските денови на културното наследство кои традиционално се одбележуваат низ цела Европа од 1999 год. како партиципативни културни настани, овозможуваат доближување на повеќеслојното значење на културното наследство до широката јавност. Оваа година, темата со која се одбележаа Европските денови на културното наследство беше ,,Инклузивно наследство“ и истата имаше за цел да ги охрабри професионалците од областа на културното наследство, да посегнат по што поразновидна публика и посетители, преку организирање разни настани во рамките на оваа значајна манифестација. Акцентот беше ставен на достапноста на културното наследство за маргинализираните групи, популации и индивидуи, со цел да можат одблизу да го доживеат културното наследство од нивната средина.  

Оттука, со желба да се надминат препреките поради кои од одредени причини културното наследство не е достапно за посебни категории на луѓе, како и поради рестрикциите од пандемијата со Ковид-19, членовите на Работната група на професионалци во подем при ИКОМОС Македонија, изработија 4 интерпретативни, видео прошетки насловени како ,,Виртуелни прошетки низ културното наследство на Охрид (1, 2 и 3) и Битола“

Овие виртуелни прошетки беа изработени во форма на кратки видеа, користејќи ги современите пристапи за дигитална промоција, интерпретација и презентација на културното наследство. Видеата ги водат гледачите низ интерпретативна прошетка и стручна презентација на најзначајните културни добра од богатото градителско наследство на Охрид и Битола. На овој начин, љубителите на културното наследство имаат можност да го видат културното богатство на овие два наши града со исклучително богата историја и традиција, преку еден поинаков интрепретативен пристап, достапен и инклузивен. Во интерпретативните прошетки се опфатени поединечни споменици од старите градски јадра, значајни сакрални и профани објекти, како и репрезенти на модерната архитектура.

Овие дигитални записи, освен на социјалните мрежи се поставени и на YouTube каналот на комитетот и истите можете да ги погледнете на следниот линк:  https://rb.gy/by0xqo .

Нѐ поддржа Министерството за култура.