IN MEMORIAM – Почина Претседателот на ИКОМОС Македонија, д-р Лазар Шуманов
Почитувани,
Со голема тага би сакале да ја споделиме со јавноста информацијата дека денес (9 мај 2021 год.), по кратко боледување, почина Претседателот на Националниот комитет на ИКОМОС Македонија, д-р Лазар Шуманов.
Д-р Шуманов беше долгогодишен Претседател на ИКОМОС-Македонија и воедно еден од неговите основачи во 1994 година. Тој го посвети целиот свој живот на заштитата на културното наследство, работејќи три децении во Републичкиот завод за заштита на културното наследство како архитект-конзерватор, а и по пензионирањето, сè до самиот крај на неговиот живот, продолжи активно да работи и придонесува во оваа сфера. Зад себе остави бројни реализирани проекти за конзервација и реставрација на недвижното културно наследство и стручни трудови, меѓу кои и значајната студија за сеизмичкото зајакнување на Византиските цркви во Македонија, за која ја доби и државната награда „Гоце Делчев“ во 2005 година. Тој беше препознаен како врвен и ценет професионалец за заштита на културното наследство и во светски рамки, учествувајќи во бројни меѓународни проекти, а беше и член на Извршниот одбор на Меѓународниот комитет на ИКОМОС, како и на Советот на ИКРОМ. Д-р Лазар Шуманов беше и предавач во Центарот за конзервација при Универзитетот во Јорк (каде ја одбрани и својата докторска дисертација) и на Школата за архитектура при Универзитетот во Марсеј.
Му благодариме и Слава му!
Погребот ќе се одржи утре, 10 мај 2021 год., на Градските гробишта Бутел во Скопје, во 12 часот.
Со почит,
Национален комитет – ИКОМОС Македонија