Промоција на книга и форум ,,Перспективи за заштита на индустриското наследство“

На 17 декември 2021 година, во организација на ИКОМОС Македонија, се одржа виртуелен настан преку платформата ZOOM на тема „Перспективи за заштита на индустриското наследство“.
Во рамките на настанот се одржа промоција на истоимената дигитална публикација „Перспективи за заштита на индустриското наследство“, која претставува пионерско издание на македонски јазик составено од избор на преведени трудови од книгата „Industrial Heritage Re-tooled: The TICCIH Guide to Industrial Heritage Conservation“ и доктринарни текстови за индустриското наследство.
Модератор на настанот беше Мартин Ефремовски, Координатор на Работната група на професионалци во подем, додека присутните беа поздравени од Кристина Бицева, Претседател на ИКОМОС Македонија која во своето обраќање истакна дека, поттикот на ИКОМОС Македонија да ја издаде оваа публикација произлезе од фактот што индустриското наследство во Македонија е тип на културно наследство на кое не му се посветува доволно должно внимание и соодветна заштита од повеќе причини и дека со публикување на изборот текстови содржани во оваа книга, се посочуваат корисни перспективи односно, добри примери, ефективни техники, модерни пракси и алатки за унапредување на заштитата на индустриското наследство во Македонија. На крај упати голема благодарност до сите автори кои сесрдно се согласиле нивните текстови да бидат преведени и објавени на македонски јазик, особено до д-р Мајлс Оглторп, Претседател на Меѓународниот совет за заштита на индустриското наследство и до г.Џејмс Дует, главен уредник на оригиналната книга за нивната несебична помош да се реализира оваа идејна замисла.
Понатаму, Ивана Коцевска, член на ИКОМОС Македонија, автор на проектот и ко-уредник на книгата, претстави повеќе детали за содржината на книгата, давајќи кус осврт на десетте преведени текстови, вклучувајќи ги и „Повелбата Нижни Тагил за индустриско наследство“ и „Даблинските начела“. На крај додаде дека дигиталната публикација е достапна за бесплатно преземање од веб-сајтот на ИКОМОС Македонија со надеж дека ова издание ќе придонесе кон полесно препознавање на вредностите на индустриското наследство во нашата земја и негово соодветно вреднување и ставање под заштита, во насока на негова идна конзервација и ревитализација.
Во рамките на настанот, веднаш после промоцијата на книгата, се одржа и форум со меѓународни и домашни учесници, кој беше проследен со експертска дискусија со цел да се поттикне интересот и истражувањата во областа на заштитата на индустриското наследство во земјава. На форумот со свои излагања учествува:

  • Мајлс Оглторп, Претседател на Меѓународниот комитет за заштитана индустриското наследство (ТИККИХ) кој говореше за активностите кои ги презема ТИККИХ во насока на зачувување и популаризирање на индустриското наследство;
  • Џејмс Дует, уредник на книгата „Industrial Heritage Re-tooled: The TICCIH Guide to Industrial Heritage Conservation“ кој во своето излагање направи кус осврт на оригиналната публикација и осврт на сите изданија од ТИККИХ;
  • Соња Ифко, Претседател на ИКОМОС Словенија, говореше за соработката помеѓу ИКОМОС, ТИККИХ и ИКОМОС Словенија во насока на зачувување на индустриското наследство во Словенија;
  • Ада Влајиќ и Рифат Куленовиќ од Музејот на науки и техники во Белград, Србија, кои во своето излагање говореа за примери за заштита на индустриските добра во Белград и дали и на кој начин државата обезбедува заштита на овие добра и
  • Ивона Крстеска, претставник на Културно Ехо, Скопје која говореше за иницијативата за ревитализација на напуштениот индустриски комплекс ,,Купром“ во Скопје во студентски град.


По завршување на презентациите следуваше сесија посветена на прашања и одговори која резултираше со богата дискусија и препораки во насока на подобрено управување и зачувување на индустриското наследство во иднина. Настанот беше заокружен со заклучни согледувања, кои беа резимирани и презентирани од страна на Ивана Коцевска.
Видео-снимка од целиот настан е достапна на YouTube каналот на ИКОМОС Македонија и можете да јапогледнете на следниот линк: https://rb.gy/2bypoi .